-“Две третини од членовите на огранокот Чаир поднесуваат оставки од партиските органи“. Вака, преку соопштение до медиумите се огласи огранокот на Алтернатива во Чаир. Во соопштението се најавува дека причина за оставките е незадоволството за кое велат дека е поврзано со Африм Гаши и генералниот секретар на партијата Зеќирија Ибрахими.
„Во оваа прилика пред јавното мислење и целото членство ги донесовме следните одлуки: – 2/3 од членовите на огранокот Чаир се повлекуваат од партиските органи; – 8 членови на Централното собрание, заедно со 1 член на Централното претседателство – ја гаснат дејноста во огранокот; – претседателите на соодветните подограноци заедно со своите членови се повлекуваат од огранокот Чаир“, се вели во соопштението.
Но претседателот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека овие лица долго време не се веќе членови на Алтернатива.
„Има некои членови кои веќе не се членови на Алтернатива, можам да зборувам само за членови на Алтернатива, но во принцип едно треба да се знае во пресрет на следните избори, јасно се гледа дека има два блока во Албанскиот кампус . Секој граѓанин, секој активист има свое право да избере да биде со опозицискиот или мнозинскиот табор, затоа не сакам за никого да прејудицирам“, вели Африм Гаши.
Претходно оваа партија имаше проблеми и во тетовскиот огранок каде беше сменета речиси целата структура.
