Остра расправа за Законот за судска служба – власта ги отфрли скоро сите амандмани поднесени од опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остра расправа на Комисијата за политички систем на која беше амандманската расправа за законот за судска служба. Опозицијата поднесе околу стотина амандмани поради како што рекоа, предлог закон кој воопшто не е оној на кој работела работната група. Соња Мираковска од НСДП му се обрати на министерот за правда Игор Филков.

-Ние цело време ќе слушаме истото образложение, не е усогласен со законот за административни службеници. Па вие господине министре ги слушнавте ли судските служби што во рекоа. Не сакаат да имаат статус на административни службеници. Сакаат да имаат посебен статус, на судски службеници, сами да одлучуваат, да бидат тргнати од извршната власт, вели Соња Мираковска од НСДП.

Јована Мојсовска од Левица рече дека нивните амандмани се однесуваат на сите оние забелешки од претставниците на судската служба изнесени на јавната расправа и дека овој предлог закон ја уназадува состојбата во правосудството.

-Со овој закон наместо судските службеници да се третираат како дел од судската власт, согласно уставното начело за поделба на законодавна, извршна и судска власт, ние имаме најголем дел од вработените во судовите кои ќе бидат под директна контрола на извршната власт, што претставува еден опасен преседан, изјави Јована Мојсовска од Левица.

Владејачкото мнозинството не се вклучи во расправата, а седницата беше прекината со најава дека и утре ќе продолжи. Освен за судската служба треба да се расправа и за предлог законот за јавнообвинителската служба. Инаку, Јавната расправа се одржа минатата недела во која судските службеници остро се спротивставија на ова решение кое се предлага.