Најавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе покрене активна блокада на Собранието од 10 мај за владејачката СДСМ не значи ништо ново. Координаторот на пратеничката група Јован Митревски вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за цело време го блокираат Собранието.
„Тој вчера најави меѓутоа реалноста е сосема друга. Ние не можеме да кажеме дека некако поинаку и досега се однесувала опозицијата. Сите сме сведоци дека целиот период на функционирање на овој мандат Собранието се соочува со блокади и деструкции од страна на опозицијата. Денес имаме ситуација или во овие две години имаме ситуација на 50-60 закони кои што се блокирани од страна на опозицијата или со амандмани или со незакажување на комисии“, истакна Јован Митревски.
Граѓаните бараат конструктивност а не деструктивност велат од ДУИ.
„Ова институционално насилство и блокирање на државата не оди во интерес на граѓаните. Жалиме и како Демократска унија за интеграција ако се потврди најавата за блокирање на Собранието, тоа секако дека не е рационално и ги повикувам сите политички партии да се фокусираат и да се натпреваруваат со конкретни идеи предлози и проекти а не со блокирање“, посочи Арбр Адеми.
Од Алијанса за Албанците без конкретен став дали како опозиција ќе ја поддржат блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите предлози кои евентуално можат да стигнат од други политички субјекти, ќе бидат разгледани во органите на АА и ќе се излезе со конкретен став, но тоа што ни е многу важно е независноста на дејствувањето на нашиот политички субјект“, посочи Илире Даути.
Мицкоски вчера најави дека ќе им предложи на пратеничката група на неговата партија да покренат активна блокада во Собранието од 10 мај со што се сака да се предизвика предвремени парламентарни избори. Тој рече дека се планира преку поднесување на голем број амандмани или долго говорење на комисиските и собраниските седници да се блокира се освен закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните.
