Осум лица повредени во невремето во Скопје, згрижени во болници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика и повредени граѓани, а осум лица досега побарале медицинска помош во здравствени установи.

Според информациите, четири лица се пренесени во Ургентниот центар, додека четворица се згрижени во Старата градска болница, каде им е укажана потребната медицинска помош.

Меѓу повредените е и повозрасна жена од населбата Џон Кенеди, врз која паднало дрво и ја погодило во пределот на главата. Таа била пренесена на Ургентен центар за понатамошен третман.

Дополнително, едно лице само се пријавило во Клиничката болница „8 Септември“ со повреда на челото, настаната од последиците на невремето.

Силниот ветер предизвика бројни штети низ главниот град – паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, оштетени возила и блокирани улици.

Повеќе информации за состојбата со повредените и последиците од невремето се очекуваат во текот на денот.