Осум милиони евра за ЈСП или за „Хасан Приштина“? Муртезани: Нема пренамена на средствата, автопатот ќе се прави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европскиот фронт и Град Скопје тврдат дека на средбата меѓу градоначалничката на Скопје, Арсовска и премиерот Мицкоски, тој предложил средствата наменети за автопатот „Хасан Приштина“ да се пренаменат на јавното претпријатие „ЈСП Скопје“. Од Град Скопје велат дека оваа понуда е апсурдна бидејќи Владата и понатаму должи 8 милиони евра на ЈСП, за плаќање на бесплатен превоз за студентите. Но, владините претставници негираат. Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, кој доаѓа од редовите на коалицијата ВРЕДИ, во Дејли клик изјави дека се работи за соработка меѓу Арсовска и советниците на Европскиот фронт, кај кои, како што вели Муртезани, Аровска гледа надеж за спас. За автопатот „Хасан Приштина“ велат дека е дел од владината програма и ќе се реализира.

„Информациите што ги имам се дека за тоа не било разговарано ниту на средбата со градоначалничката на Скопје, ниту на ниту една владина седница. Зошто г-ѓа Арсовска влегува во оваа авантура, за фудбалски кажано, да му досуди пенал на Европскиот фронт, е поради нејзината математика во Советот на град Скопје. Затоа што советниците на Фронтот ги гледа како сламка за спас затоа што сите гледаме дека за жал тоне заедно со градот, заедно со Советот на град Скопје, заедно со сите нас како скопјани.“, изјави Муртезани.

Го прашавме и премиерот Мицкоски за тврдењата на ЕФ и Град Скопје.

За какви средства станува збор ја прашавме министерката за образование Весна Јаневска. Таа се чуди како Град Скопје може да бара долг кога тоа нема основа. Таа тврди дека за бесплатен превоз на студенти нема договор ниту со Град Скопје, ниту со ЈСП Скопје.

Бесплатниот превоз за сите студенти започна на 1 јануари 2016 година, во времето кога Владата ја водеше ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски. Тој во своето излагање пред медиумите најави дека средствата ќе ги покрие Владата.

Инаку, Град Скопје, работите за автопатот „Хасан Приштина“ ги започна во 2021 година во делот на крстосницата кај Момин Поток. Тој дел требаше да биде завршен за две и пол години, а потоа работите да се префрлат, почнувајќи од крајот на булеварот Словенија, до кружниот тек на пат кон Косово. Но, откако Арсовска дојде на чело на Град Скопје, овие работи се одолговлекуваа и останаа таму каде што почнаа, кај клучката кај Момин Поток. За автопатот „Хасан Приштина“ лани Владата одвои 3 милиони евра. Проширувањето на овој автопат наиде на многу пречки бидејќи Урбанистичкиот инспекторат и општина Бутел наидоа на многу узурпирано земјиште и дивоградби.