Осум лица загинаа, меѓу кои и деветмесечно бебе, откако автобус доживеал сообраќајна несреќа и бил зафатен од пламен во неделата рано наутро во Турција.
Автобусот, сопственост на компанијата „Памуккале Туризам“, удрил во заштитните огради на автопатот во провинцијата Денизли во 1:40 часот по локално време. Во него се наоѓале 38 патници и тројца членови на персоналот, кои патувале од Измир кон медитеранскиот град Анталија, пренесува АП.
Во несреќата се повредени околу 33 лица. Меѓу загинатите се и 50-годишниот возач на автобусот, како и таткото на бебето.
Снимките од местото на несреќата ја покажуваат изгорената конструкција на автобусот покрај патот.
Саботата беше последниот ден од празникот Курбан Бајрам. За време на празничните денови вообичаено се бележи зголемен број сообраќајни несреќи низ Турција, бидејќи многу луѓе патуваат за да ги посетат своите семејства или да заминат на одмор.
