Осуммина возеле пијани низ Скопје, четворица приведени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири лица се лишени од слобода во рамки на засилена сообраќајна контрола спроведена во текот на ноќта во Скопје, при што биле откриени осум возачи кои управувале возила под дејство на алкохол. Тројца од нив имале повеќе од 1,50 промили алкохол во крвта, информира Министерството за внатрешни работи.

Акцијата била спроведена во периодот од 21 часот на 17 октомври до 3 часот на 18 октомври, на подрачјата на општините Илинден, Гази Баба и Кисела Вода. Контролите ги реализирала Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи, со посебен акцент на откривање возачи кои управуваат под дејство на алкохол.

Од осумте возачи кај кои било утврдено присуство на алкохол, тројца биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Дополнително, од слобода било лишено уште едно лице кое управувало моторно возило без возачка дозвола. И во овој случај станува збор за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.

Од МВР информираат дека против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.

Министерството најавува дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на животот и здравјето на учесниците во сообраќајот.

Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило под дејство на алкохол и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.