Работата на мешаната македонско – бугарска комисија за историски и образовни прашања е на пауза. Последната средба се одржала во ноември 2019. Причината се изборите во земјава вели професорот Драган Ѓорѓиев, предводник на македонскиот тим во работата на комисијата.
Следната средба се предвидува да се случи по завршување на изборите на 12 април. Пред неколку дена ТВ21 дозна дека претседателот Стево Пендаровски зборувајќи во Советот на Амбасадори, го спомнал и договорот со Грција и Бугарија. Зборувајќи за македонско – бугарската комисија, се дознава дека Пендаровски рекол дека истата е без позитивни ефекти.
Професорот Ѓорѓиев признава дека 19 и 20 век се најчувствителни во историјата на двете земји. Но кои се другите фигури кои се спорни освен Гоце Делчев?
Сето ова води кон доли дебати. Историчарот Ѓорѓиев земајќи го примерот на германско – полската комисија рече дека истата била формирана пред Втората светска војна и трае до денешен ден.
Ѓорѓиев бара Македонците и Бугарите на некои настани од минатото да гледаат порелаксирано, односно денес некои работи да се кажат поотворено без да се смета тоа за предавство од Македонците или Бугарите. Освен тоа тој побара комисијата да работи без политички притисок, за кој вели дека не е директен туку дека станува збор за притисок преку разни изјави.
Вчера, вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов, кој беше во Битола, изјави дека Гоце Делчев сам напишал кој е и што е и дека двете страни спорат за глупости. Но, порача дека и Македонија и Бугарија го чествуваат и имаат негови споменици, што е добро.
