Отчетен конгрес на СДСМ – ќе излезе ли партијата од состојбата на целосна разединетост?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Причините но и одговорноста за големиот пораз на СДСМ на изборите кој заврши со освоени  само 18 пратенички места е темата за расправа на партискиот отчетен конгрес. Лошиот резултат ја отвори Пандорината кутија по што дојде до целосно разединување во партијата за што говори и денешниот конгрес, на кој поради немање кворум и неприсуство на делегатите се чекаше повеќе од еден час тој да почне. Претседателот на партијата во оставка Димитар Ковачевски пред почетокот рече дека очекува отворена дебата за сите прашања во партијата.

„Очекувам да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања кои што влијаеја на изборниот резултат на овие избори, меѓутоа и на изборите во 2021 година бидејќи тогаш не беше одржан отчетен конгрес, така што делегатите ќе имаат за што да разговараат, секако дека членовите на раководството ќе имаат свои одделни експозеа, форумот на жени и другите членови на раководството  мислам дека ќе биде еден успешен конгрес од кој што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија треба да излезе посилен, пообединет и да влезе во процесот на финализирање на избор на нов претседател и избор на ново раководство“, вели Димитар Ковачевски.

И потпретседателот на партијата во оставка Фатмир Битиќи очекува дека по конгресот партијата ќе биде пообединета.

„Не очекува еден период на внатрепартиски избори, сметам дека ова е точка на пресврт во партијата и затоа е многу битен ден за мене.  Има само една промена на Статутот а тоа е поврзано со изборот на претседателот, други избори не, ќе оставиме на новото раководство да ги направи“, порача Фатмир Битиќи.

Новото раководство треба да биде избрано по 30 овој месец, откако на него треба да биде избран новиот претседател на партијата, за која функција се кандидираа Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, како и Александар Бајдевски.