Кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца, како и одземање на пратеничкиот имунитет на Дафина Стојаноска, која на својот Фејсбук профил го објави видеото – бара претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Реакцијата следи откако вчера пратеничката Стојаноска објави видео од Трендафилов со деца, на кое напиша:„ Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува, алудирајќи на тоа дека Трендафилов, службеното возило на ССМ си завршувал приватните обврски.
„Поставувам прашање до министерот за внатрешни работи. Дали службите го следат претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија и дали службите му ги снимаат децата на претседателот на Сојузот на синдикатите? Дали се поединци и доколку се поединци веднаш да ги апсат. Го повикувам јавниот обвинител, веднаш да покаже како што вели претставникот на Владата дека правдата е еднаква за сите. Дека сите ќе ги стигне. Во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“, порача Слободан Трендафилов.
Побара одговорните веднаш да бидат уапсени, бидејќи училиштето и патеката по која биле снимани имала надзорни камери. Кажа дека на видеото не се само неговите деца туку и други кои одат на училиште и во училишниот двор.
„Ќе дозволите да зборувам за монструмите. Оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафичите, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата. Кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас“, вели Слободан Трендафилов.
Трендафилов кажа дека случајот е пријавен во МВР и дека ќе бидат известени сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, Меѓународната и Европската конфедерација на синдикати и Меѓународната организација на трудот.
Реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Велат доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Според партијата фијаското на протестите пред Собранието, како и обелоденувањето на партиската позадина која стои зад протестите, биле причина за огромната нервоза на Трендафилов, кој сакал да се претстави како жртва на политички прогон.
