Комуналното претпријатие во Кичево неодамна почна отпадот да го фрла во јамите на рудникот „Осломеј“, а потоа да го покрива со земја.
Истото се случи и пред две години, па откако локалните мештани излегоа на протест, отпадот престана да се носи таму. Како што велат, доволно им е загадена средината од термоелектроцентралата „Осломеј“, па сега не сакаат да се трујат и поради отпадоците.
-Веќе неколку години по ред тука ги фрлаат, иако знаат колку е штетен отровот што се шири од овој отпад. Ние реагиравме да престанат да го фрлаат тука, бидејќи веќе имавме еден отров ТЕЦ „Осломеј“, каде оџакот веќе неколку децении работи без филтри. Овој отров е уште поопасен кој ни го носи „Комуналец“ и го фрла тука во близина на селата, вели Шеип Дервиши претседател на месната заедница Гарани.
Жителите велат дека отпадот кој го носат тука е од градот, бидејќи, како што додаваат, оној од селата не го собира Комуналното претпријатие.
-Во нашите села, Црвици, Гарани, Шутово, Премка не го собираат отпадот. Тука го носат и фрлаат отпадот од градот, иако оваа територија е на нашите села, вели Фето Фетоја, претседател на месната заедница Премка.
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, вели дека проблемот со отпадот е присутен веќе 40 години. Уверува дека од 2013 се трудат да изнајдат решение и изразува сомнеж дека револтот на граѓаните има повеќе политичка позадина.
-Поради состојбата која ја предизвикуваат самите жители, фрлајќи отпадоци насекаде, дома, во потокот, на патот, покрај патот, регионален или локален, креираат неконтролирана депонија. Ние изготвуваме решенија согласно елаборатите. Што се однесува до урнатините на термоцентралата, нудиме селекција на оној отпад кој се смета за штетен и менаџираме со него одредено време додека не профункционираат регионалните депонии. Во овој случај, за жал, дел од месните заедници, поконкретно забележав во селото Гарани, се чини дека станува збор за политичка структура отколку за избрани лица кои треба да се занимаваат со решавање на локалните проблеми, вели Дехари.
Дехари вели дека фрлањето отпад во јамите на рудникот „Осломеј“ е привремено решение кое е постигнато во договор со неколку месни заедници, бидејќи, како што уверува, за една година треба да почне со работа регионалната депонија близу Битола. Но, локалните мештани децидни. Велат дека ги информирале сите надлежни институции и доколку не се преземат мерки, повторно ќе излезат на протест. Бараат Дехари да го почитува договорот потпишан на 15 февруари 2020 година.
