Отстапки од предлогот – прагот за независните кандидати на локалните избори да биде 2% од вкупниот број избирачи. Според премиерот Зоран Заев реакциите на експертите, но и на помалкубројните партии се прифатливи.
Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е прагот да биде 1%, а Министерството за правда го поддржува тоа, вели за ТВ21 заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, додавајќи дека конечната одлука се носи во Собрание.
„На став сме дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да се спроведуваат и во однос на прагот, меѓутоа не сакам да ги коментирам ставовите на политичките партии. Има ставови дека волјата изразена во иницијативи за независни листи е лесно да се постигне дури и со 2 или 3%, но и покрај тоа, европските стандарди налагаат поинаков пристап кон ова прашање. Да, 1% е и ние како Министерство за правда исто така ги поддржуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но сепак пратениците се тие што треба да го финализираат тоа“, посочи Агим Нухиу.
Поранешниот член на Државната изборна комисија, Енвер Салиху, кој во моментов раководи со Невладината организација „Justice“ вели дека веќе е доцна за суштински измени на Изборниот законик. Потсетува дека измените во пресрет на изборите не се добра пракса. Зголемувањето на прагот на 2%, според него, оди на штета на независните субјекти кои се додадена вредност на демократијата. Салиху е на став дека прагот треба да се намали уште повеќе.
„Мислам дека истече времето за суштински измени во Изборниот законик. Веќе знаеме дека сите се согласуваат само за отворени листи, и пошироката јавност, и политичките партии, додека за други измени е предоцна, бидејќи како што вели претседателот на Собранието изборите ќе се распишат на 6 август. Мислам дека не треба да има други измени“, вели Енвер Салиху.
И Претседателот Стево Пендаровски, на вчерашниот брифинг со новинари, рече дека е непримерно измените на Изборниот законик да се прават непосредно пред изборите. Локалните избори се очекува да се одржат на 17 октомври.
