Отстранување на дивите продавачи во Тетово – бараат соодветен простор за вршење на нивната работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четврток, пазарен ден во Тетово.

Ден кога има најмногу граѓани кои ги продаваат своите производи што ги одгледуваат дома. Според најавите на општина Тетово, им остануваат уште неколку дена за да вршат ваков вид трговија.

Од 20 декември, општинскиот инспекторат во соработка со полицијата ќе ги отстранува дивите трговци со цел ослободување на јавните површини и тротоарите. Продавачите не сакаа да говорат пред камера, но оние кои се согласија да дадат изјава велат дека одлуката на новиот градоначалник е неправедна.

„Само в четврток излегувам и само оваа стока ја имам. Немам купена стока, туку продавам свои сопствени производи од дома. Нема ниту паркинг за да влеземе во пазарот со возило, таму нема кај да ги чуваш, како да ги чувам? Од тука пајакот ќе дојде и ќе ми ја земе колата и ќе си заминам. Не сме ниту наваму, ниту натаму“, вели граѓанин.

Против одлуката на општината се и граѓаните. Тие застануваа во заштита на дивите продавачи, велејќи дека на овој начин тие си ја обезбедуваат егзистенцијата и дека ако бидат избркани, бројни селени ќе останат без приходи.

„Нека продаваат луѓето, кому му пречи? Секој излегува за да заработи за леб. Овие доаѓаат само за да ги газат луѓето, а не да им помогнат“.

„Би требало макар еднаш неделно да продаваат, барем в четврток, бидејќи ги издржуваат семејствата од оваа работа. Треба да им се најде некое понормално место, но внатре нема место, иако велат дека има“.

„Се зборува дека ќе бидат отстранети, но навистина треба да им се најде друго место внатре во пазарот, но така ќе плаќаат по 100 или 200 денари. Но, дали тие ќе ги извадат тие пари, дали ќе заработат 100 денари или не? Ќе ги потрошат и нема да имаат дури ни да се вратат на село“.

„И на продавачите треба да им се обезбеди место каде ќе ја чуваат стоката. Овие луѓе што продаваат околу улица немаат место каде да ги чуваат производите, бидејќи сите тезги се резервирани. Треба да им биде понудено некое друго место, треба да им се помогне. Државата не се чува само со полиција, само да трчаш со полиција, бидејќи сите ние, граѓани на оваа земја работевме за неа и ќе продолжиме да работиме“.

Од општина Тетово велат дека по истекот на рокот, доколку стоката на продавачите не биде отстранета, Општинското претпријатие ќе организира камион кој ќе ја префрли стоката до просториите на  ЈП „Паркови и Зеленило“ со присуство на Општинскиот инспекторат, Пазарниот инспекторат и полицијата.