За Косово иницијативата „Отворен Балкан“ или иницијативата на Нови Сад, како што ја нарекува косовската Влада, е опасна идеја која може да пренесе погрешна порака до Европската унија. Пренесувањето на оваа порака е поопасна од задоцнувањата кои можат да се случат на патот кон ЕУ, смета министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц.
„Како Република Косово, иницијативата на Нови Сад, во меѓувреме на мини Шенген, а од вчера и „Отворен Балкан“ ја сметаме за опасна. Ја сметаме за опасна бидејќи се испраќа порака како да имаме алтернатива во однос на заедничкиот пат како регион кон ЕУ“, посочи Доника Гервала Шварц.
Но, според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, иницијативата за регионалната соработка „Отворен Балкан“ е додадена вредност за соработка. Како што вели, одлуката за учество или не во една ваква иницијатива, треба да се донесе согласно детална анализа.
„Во регионот има над 70 иницијативи, секоја со свој придонес за да биде додадена вредност за продлабочување на соработката… И последнава иницијатива, јас ја гледам како иницијатива во обид да биде додадена вредност за продлабочување на регионалната соработка, без да се неутрализира ефектот на останатите веќе постоечки регионални иницијативи“, додаде Бујар Османи.
Меѓутоа Гервала додава дека Косово е дел од иницијатива каде е рамноправен партнер на останатите земји.
„Имаме заеднички регионален процес, во кој што сме сите земји од регионот, а тоа е Берлинскиот процес. Таму сме веќе неколку години обидувајќи се да придвижиме напред договори што ги засегаат сите наши граѓани. Во оваа иницијатива Република Косово е рамноправен партнер со останатите пет балкански земји“, додаде Доника Гервара Шварц.
Иако, двајцата министри имаат спротивни мислења во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, Османи и Гервила уверуваат дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи и понатаму. Во знак на благодарност за дадениот придонес, една улица во Старата скопска чаршија го доби името „Јусуф Гервала“, татко на министерката Доника Гервала.