Долги редици кај новиот пункт за издавање лични документи без закажување термин.
Новиот пункт е отворен во рамките на Полициската станица „Пролет“ Кисела Вода, со цел да се забрза издавањето на документите со новото име на државата, што мора да се направи до 12 февруари 2024 година.
Работи од 8 до 18 часот, со можност за продолжување до 20 часот.
Но, доколку аплицирањето и фотографирањето се одбива брзо, дали и издавањето на документите ќе се одвива брзо?
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека граѓаните ќе ги добијат документите според законските одредби.
Компанијата „Брако“помогна во изградбата на овој пункт, односно во поделбата на импровизираните кабини, компанија на екс вицепремиерот Анѓушев, која го доби тендерот за модуларните болници, вклучувајќи ја и тетовската модуларна болница која изгоре во пожарот. Постојат сомнежи дека оваа компанија е поврзана со увоз на токсичен мазут, прашање за кое известуваше ИРЛ. Прашан во врска со ова, Спасовски рече дека е спремен да прими донации од било кого.
За долгите редици критикуваше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што се случува пред полициската станицата „Пролет“ го нарекоа хаос.
Пунктот е привремен и може да го користат само граѓаните со адреса во Скопје или оние кои пријавиле живеалиште во главниот град. Инаку, за личните документи продолжуваат да функционираат и други пунктови во МРТВ, Беко, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
