По најавата на премирот Заев вчера на Фејсбук дека граничниот премин „Евзони“ се отвора од денеска голем број граѓани од земјава и колона возила рано изутринава се упатиле кон Грција.
„Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија што имаат негативен ПЦР-тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против ковид-19 или позитивен резултат за антитела“, истакна Заев.
Околу 50-тина возила биле пуштени во 6.15 минути, но само за кратко, според информациите на српските медиуми присутни на граничниот премин.
„Се почна добро во 6.15 часот кога Грците дозволија околу 50 возила со различни таблички, бугарски, српски, ЕУ или македонски, да влезат на територијата на Грција, а потоа колоната буквално беше пресечена. Почна пасошката контрола и сега на Евзони се создаде колона, има неколку возила со автомобили со српски таблички, тука се и возилата од Северна Македонија и Бугарија“, рече репортерот на ТВ Прва, Братислав Илиќ.
Во меѓувреме одговор побаравме и од македонското МНР.
„Од утринава се занимавам со ова прашање, бидејќи добив информација дека има наши граѓани кои чекаат на граничниот премин. Веќе комуницирав со сите потребни институции и информацијата е дека сепак е потребна формална одлука на грчката Влада“, посочи, Бујар Османи.
Најновата информација вели дека сега, граничниот премин „Евзони“ е повторно отворен попладнево во 13 часот.
„Од страна на грчките гранични служби добивме известување дека денеска од 13 часот е дозволен е влез во Република Грција на граѓаните од ЕУ, трети земји и граѓани од Република Северна Македонија преку ГП ,,Евзони”. Според протоколот за влез, граѓаните од ЕУ, од трети земји и од Репубика Северна Македонија ќе може да оставарат влез во Република Грција преку ГП ,,Евзони”со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или Сертификат за примени две дози вакцини (14 денови поминати од втората доза вакцина), при што ќе бидат признаени сите сертификати за извршена вакцинација, додека за деца до 5 години не е потребен ПЦР тест“, истакнаа од МВР.
Оваа мерка ќе се применува до 24.05.2021 година (понеделник), при што граѓаните ќе може да остварат влез во периодот од 07.00 до 23.00 часот (по грчко време), или од 06.00 до 22 часот (по наше време), a за излез од Грција нема ограничувања и ГП Евзони ќе работи 24 часа. Протоколот за товарниот сообраќај останува ист. За влез во Грција покрај споменатите услови потребно е 24 часа пред на патувате да пополните онлајн формулар на линкот travel.gov.gr со цел да се намали чекањето на граничните премини.
