Преговорите за членство се тест за кредибилитетот на Европската унија, рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој е во официјална прва посета на Црна Гора. По средбите со неговиот хомолог Милош Ѓукановиќ беше заклучено дека делат слични погледи за надминување на заедничките предизвици.
„Недозволено е и од аспект на Брисел и од аспект на творците на ЕУ како концепт, како организација, толку години наназад, Црна Гора да преговара 10 години, точно од 2012 почна, 2022 денеска, 10 години, и да не е ниту на половина од тој процес. Не велам дека сета вина е во Брисел, сигурно има прилично бројни пречки и во главните градови и во нашите земји. Реформи кои не сме ги направиле итн. Но и од аспект на европските стратези и тие треба да се запрашаат, зошто две држави кои преговараат скоро деценија, тоа се Србија и Црна Гора, зошто Албанија и Северна Македонија не можат да почнат преговори и зошто две други држави од западниот Балкан тоа се Косово и БиХ се апсолутно заборавени од Брисел“, вели Пендаровски.
За претседателот на Црна Гора, опасен преседан е спорот меѓу Македонија и Бугарија особено што станува збор за нерешени историски билатерални прашања. Изрази надеж дека Европската унија ја научи лекцијата од Украина и во иднина дека со поголем сензибилитет ќе гледа кон гео-политичката важност за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
„Постојат држави кои настапуваат со анти-европски платформи кои сакаат да го загрозат европското единство и во нашиот случај во нашиот регион, европската перспектива мора да биде инспирација за ЕУ во целина а посебно за оние ЕУ земји кои нам ни се географски блиски. Јас очекувам од земјите како Хрватска, Словенија, Италија, Грција, Бугарија, Романија да бидат главни промотори на европската иднина на регионот од Западен Балкан, а не некоја од нив да се појави во улога на кочничар кон достигнување на европската иднина од земјите на Западен Балкан,“ рече Ѓукановиќ.
Пендаровски од Цетиње упати и порака во однос на внесувањето на останатите етнички заедници во Уставот меѓу кои и Црногорците.
„Ако може еден Црногорец да зборува за Бугарија, зошто еден Македонец да не зборува за Црна Гора и за Црногорците во Северна Македонија. За да нема никој дилеми во однос на политичката волја на оние кои сега се на власт, па се осмелувам да кажам и на оние кои ќе дојдат утре, задутре во Скопје. Македонското општество и македонската држава е фундирана во уставно-правна и политичка смисла во линија или на линија со најдобрите европски политики и практики. Ние можеме да бидеме пример за целиот континент, за тоа како е возможна инклузија на помалку бројните етнички заедници во нашето општество и општо во политичкиот систем. Во таа смисла, за нас ирелевантно дали има Црногорци 1200, дали има Хрвати 2000, дали има Бугари 3500 илјади, бројките не се битни, битни се принципите во кои веруваме. Еден да е, ако изразат желба да бидат застапени со поинаков статус во македонскиот устав тоа ќе биде направено веднаш“, рече Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски беше пречекан во Цетиње со највисоки државни почести, а средби ќе оствари и со претседателот и заменик претседател на Владата. Официјалната посета продолжува и утре со активности во Бар.
