Поминаа 20 дена откако земјоделците од општина Тетово пријавија дека нивните овоштарници се оштетени од мраз и откако градоначалникот на општината, Биљал Касами, вети дека комисијата ќе излезе на терен за да ја процени штетата.
Новинар: Дали комисијата ќе излезе на терен?
Касами: Доколку има формални барања комисијата ќе мора да излезе на терен.
Земјоделците се жалат дека иако ги пријавиле штетите, никаква комисија не излегла да ги посети.
-Чекавме, немаше никој таму и се надевавме дека општината или владата ќе излезат или ќе ни помогнат со нешто. Не знам за штетата, можете сами да ја видите, нема ништо, ние преживуваме од ова. Ако нема помош, мораме да оставиме сè и не знаеме каде да одиме, бидејќи оттука ни доаѓаат приходите, вели Ибрахим Фејзулаху, овоштар.
Од општината велат дека не е формирана комисија бидејќи, според нив, само четворица овоштари пријавиле штети. Тие ветуваат дека ќе им биде обезбедена финансиска помош преку општинскиот совет.
-Моментално, само четири лица поднеле барања за надомест на штета како резултат на мразот од лошо време. Поради малиот број на апликации, не е формирана комисија за проценка на штетите. Сепак, како општина, ние сме посветени на поддршка на граѓаните и ја разгледуваме можноста за надоместување на штетите преку финансиска помош што ја обезбедува општинскиот совет, велат од Општина Тетово.
Потсетуваме дека ниските температури во средината на април ги оштетија дрвцата кои расцветуваат во рана пролет. Овоштарите тврдат дека штетата на јаболката и другите дрвца е од 40 до 60%, додека кај црешите и вишните штетата е стопроцентна. Други општини, како што е Ресен, прогласија вонредна состојба и излегоа да ја проценат штетата.
