Падна прозорец и дел од таванот, ѕидовите испукани: Новото училиште во Визбегово почна да се „распаѓа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред неполни две недели беше отворено новото училиште во Визбегово, но прозорците почнаа да паѓаат од што беше повредена една хигиеничарка. Инцидентот се случил вчера околу 14ч, кога немало ученици во училницата. Освен прозорецот, паднал и дел од таванот во една училница, а на некои места испукани се и ѕидовите. Иако не е безбедно за учениците кои учат овде, директорот Кадри Елези вели дека наставата ќе продолжи.

-Прво ќе направам записник за се што… ќе видиме во училиштето што е уништено и за толку кратко време да се руинира. Ќе го направам записникот и ќе го доставам прво до општината, а потоа до Министерството за образование за да може итно да се преземат мерки за да се реши овој проблем, вели Кадри Елези, директор на ОУ Визбегово.

Новинар: Дали ова значи дека ќе се сменат сите прозорци?

Елези: Ќе видиме од таму како ќе биде процесот.

Во каква состојба е училиштето отишол да види и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој ја обвини фирмата „Хилдинг“ дека работи со лош материјал. Тој посочи дека тендерот за изградба го дала претходната Влада, а бара одговорноста да ја понесат министерството и надзорникот на работите, бидејќи според него, како што е изградено, постои можност да се случи трагедија.

Сали Елмази, инженер во компанијата „Холдинг“ на прашањето за обвинувањата ни рече дека по неколку дена ќе излезат со подетална изјава за градбата, додека за прозорецот рече дека можеби бил отворен повеќе од потребното.

Техничкиот прием го направи општина Бутел, додека надзорот на работите Министерството за образование и наука. Побаравме одговор и од Министерството дали нешто ќе преземат, но одговор не добивме.