Косовскиот уставен суд ја „собори“ владата на Авдулах Хоти вечерва, бидејќи чинот на гласање со кој неговиот кабинет ја доби поддршката од парламентот беше прогласен за неуставен.
Според одлуката на судот, се наложува распишување на нови избори.
Нови, предвремени избори во Косово мора да се одржат најдоцна 40 дена по објавувањето.
Владата на Авдулах Хоти во вториот обид доби поддршка од 61 пратеник во косовскиот парламент, но бидејќи Уставниот суд го прогласи клучниот глас за ништовен и неважечки, на претседателот на Косово му беше наредено да распише нови избори.
Третите парламентарни избори во последните три години се резултат на жалба поднесена од движењето Самоопределување уште во јули, во кое се тврди дека владата на Авдулах Хоти доби поддршка во парламентот благодарение на гласот на Етем Арифи, кој во тоа време беше осуден за корупција.
