Надин Ајуб, претставничката на Палестина на изборот за Мис Универзум, влезе во историјата со своето учество на натпреварот што се одржа во Тајланд.
По финалната вечер, таа испрати силна порака до сите девојки на социјалните мрежи, нагласувајќи дека ништо не е невозможно и дека треба да бидат горди на своето потекло.
„Останете верни на вашите корени“
„Денес на сцената на Мис Универзум, носев костим за капење со палестински вез – елегантно, моќно парче што ја одразува мојата приказна и моите вредности. До секое младо девојче што гледа: бидете горди на тоа кои сте и како се изразувате“, напиша таа. „Останете верни на вашите корени и одете по вашиот пат со самодоверба“, додаде таа.
Пласман во првите 30
Надин постигна извонреден успех на натпреварот со влегувањето во првите 30, а бројни честитки и пораки за поддршка веднаш се слеваа на Инстаграм. „Неверојатно си убава, одвнатре и однадвор. Секој пат кога те гледам на таа сцена, ми навираат солзи на очите“ и „Ти си најубавото девојче“, се само некои од коментарите.
Ова беше прв пат Палестина да има претставничка на изборот за Мис Универзум. Организацијата Мис Палестина претходно нагласи дека Надин му докажа на светот дека „палестинската култура е жива, цвета и раскажува приказна за отпор“.
Која е Надин?
Надин Ајуб пораснала помеѓу Западниот Брег, САД и Канада, а сега живее помеѓу Рамала, Аман и Дубаи и не учествувала секогаш на избори за убавина. Со диплома по англиска книжевност и психологија, таа почнала да предава и да работи за хуманитарни организации на окупираните територии пред да ѝ се понуди можност да биде модел во Италија, каде што добила признание.
