Палевски го спори времето на убиство на Жежоски: Како е утврдено кога е убиен, времињата не се совпаѓаат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжува судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски.

Во Кривичниот суд сведочеше првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо кој негираше одговорност за двојното убиство.

Тој ги отфрлува обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, односно денот кога според обвинителството бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста.

„На 22 е карактеристично тоа што додека бев со кучето Хера во дворот, разговарав со наш член на самата ограда, затоа што се плашеше од кучето. На 22 ноември не постои состанок со Манев и со Видевски, од едноставна причина што, во посоченото време, дека околу 12 стигнале од месноста Рудник во штабот, јас разговарам со Миле, секретарот на партијата“, вели Палевски.

Тој наброја и со кого се имал телефонски разговори во тој период, а потоа постави прашање за времето на смртта на Жежоски.

Според него, нема ни докази, ни логично обвинение.

„Како е утврдено кога е убиен Панче, јас не знам. Времињата не се совпаѓаат, а обвинението е полно со нелогичности. Моментот на смрт на Панче Жежовски до денес не е утврден. Докажано е и евидентирано дека двете возила поминуваат покрај хотелот „Романтик“ и заминуваат по регионалниот пат кон Скопје. Како пресметале кога е убиен Панче? Досега не понудија докази. Според времињата, она што е сигурно е дека Кешишев во 10:30 часот поминал покрај хотелот „Романтик“ кај езерото Младост. Како успеале, според тврдењето на ОЈО, да го убијат Панче и да се возат во шок и бессознание до Маџари, да се паркираат, да се претоварат во „кангуто“ и да стигнат до 11:47 часот да разговараат на телефон? Тоа е невозможно физички“, вели тој.

Исто така, како што вели, чудно е што на 24 ноември се враќаат во Рудник, според исказ на Манев, дека отишле да го затрупуваат. 

„Дали е тоа напад на совест, не знам, па по вторпат се враќаат на местото на злосторството, но постои можност и тогаш да е убиен Панче. Јавното обвинителство не се потрудило да утврди време на смрт на Жежовски, од едноставна причина, за да можат да шетаат низ времето“, рече Палевски.

Тој додава дека во кривичната пријава стои дека Панче бил убиен во 21:30 часот, додека пак во обвинението 9:30 часот.

„Според камерите на хотел „Романтик“, „цитроенот“ во 10.30 сѐ уште е во Велес. Таму е ископана дупка со пречник метар и 60, длабока три метри, што е 5 кубика земја или две тракторски приколки. При таква ископана земуница, како што ја вика Велибор, која не е затрпана до горе после убиството на Панче, туку само еден метар, на 27 декември повторно копале дупка на местото Дупки“, рече Палевски.