Заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, смета дека Северна Македонија заслужи да ги почне преговорите со Европската унија, и дека спорот со Бугарија треба да се решава надвор од процесот.
„Северна Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, рече Палмер за „Гласот на Америка“.
Палмер на прашањето дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности, и дали САД го осудува тоа однесување, рече дека има важни прашања кои треба да се решат меѓу двете земји како соседи, сојузни и партнери.
Тој вели дека САД би сакале да видат дека процесот на пристапување во ЕУ се движи напред, без притоа да ги вклучи билатералните спорови.
„Би сакале да видиме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали“, изјави Палмер.
