Коронавирусот предизвика проблеми во работењето на компаниите, па нивна дигитализација сега е неопходна. Тие мора да ги подобрат бизнис процесите, да имаат поголем пристап до потрошувачката база и да ги подобрат своите операции. Платформата Tech Pack е едно од решенијата.
-Има за цел да им помогне на традиционалните компании побрзо да се дигитализираат и да одговорат на предизвиците, предизвикани од Ковид пандемијата. Стартапите и ИКТ заедницата во Македонија се мобилизираше и реши да понуди бесплатни алатки, решенија и услуги на малите компании-рече Дијана Десподов.
Платформата Tech Pack содржи три компоненти кои се важни за претпријатијата: зделки, едукативни видео материјали, и решенија. Содржината е таргетирана и приспособена кон голем број локални индустрии. Платформата нуди и пристап до едукативните материјали, како на пример релевантни он-лајн алатки за секојдневното работење, дигитален маркетинг, работилници за иновациски менаџмент, но и водење на процесот на дигитална трансформација – се она што им е потребно на компаниите.
Експертите во оваа област сметаат дека дигитализацијата е неопходна во ова време.
-Пандемијата последните неколку месеци, кај нас и во светот го наметна трендот комплетно да се дигитализираат малите компании. Доколку тоа во иднина не го сторат, можеби и за нив ќе следува клуч на врата.-вели Мики Наки Трајковски.
Оваа платформа овозможува на едно место да добијат пристап до бесплатни алатки развиени од домашни компании и прилагодени на актуелните состојби и да добијат едукација како да се приспособат на новите услови на работење, да иновираат, и да побараат поддршка за креирање на нови решенија од страна на локалната старт ап и ИКТ заедница.
-Не постои една универзална рецепта за дигитализација. Тоа ќе зависи од индустријата во која што функционира компанијата, ќе зависи од тоа дали веќе започнале со дигитализација и до каде се стигнати. Ќе зависи и од нивната развојна стратегија.-вели Десподов.
Старт ап Македонија се залага во поврзување на македонската старт ап заедница преку пристап до квалитетни податоци, поддршка за стартапите, и создавање на поволна средина за развој на старт ап екосистемот.
TechPack е иницијатива на Старт ап Македонија поддржана од фондот за иновации и технолошки развој.
