Папата Франциск не остана должен, испрати дрес со својот потпис за Меси

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Аргентинската фудбалска ѕвезда, играч на францускиот клуб ПСЖ, Лионел Меси доби дрес со автограм од папата Франциск. Ваквиот чекор следува откако Меси му даде свој, објавија денеска во Ватикан.

Меси во текот на вчерашниот ден го примил дресот од рацете на монсињор Емануел Гобилијар, помошен епископ од Лион и пратеник на Светата столица на Олимписките игри во Париз во 2024 година, се наведува во соопштението за печат на Атлетик Ватикан.

– Човек од верба, Меси ми се довери колку е тоа важно за него. Заедно се молевме, објави на својот Твитер профил Гобилијар, заедно со фотографија на која стои со аргентинскиот фудбалер, кој во раката го држи жолтиот дрес.

„Размената на дресови меѓу папата и аргентинската ѕвезда е сега завршена“, додава Атлетик Ватикан.

Во октомври, премиерот Жан Кастекст на папата Франциск му го предаде дресот во бојата на францускиот клуб со бројот 30 и потписот на Меси.

Папата Франциск, Аргентинец, голем обожавател на фудбалот кој од детството навивал за клубот Сан Лоренцо од Буенос Аирес, му се заблагодари на Меси.

Меси и Хорхе Бергољо, кој стана папа во март 2013 година, се сретнаа во август истата година во Ватикан.