Папата е во фаза на опоравување по хируршки зафат на белите дробови во Рим, откако лекарите му дијагностицирале аденокарцином на белите дробови. Операцијата траела 90 минути, а од Ватикан соопштија дека поминала успешно и без компликации.
Интервенцијата била извршена во вторникот во болницата „Џемели“ во Рим, каде што папата бил примен по откривањето на промената за време на, како што наведува Ватикан, рутински проверки.
„Операцијата беше успешна и немаше никакви компликации“, соопштија од Ватикан, додавајќи дека папата се разбудил нормално по зафатот и, по краток период на набљудување, се вратил во својата болничка соба.
За време на операцијата бил отстранет целиот долен лобус на десното белодробно крило, со цел да се обезбеди успешен исход од интервенцијата.
Се очекува папата да остане во болница околу една недела. Во меѓувреме, според извор од Ватикан за новинската агенција „Франс прес“, се спроведуваат дополнителни испитувања за да се утврди дали постојат знаци дека ракот се проширил на други делови од телото.
Веста за претстојната операција папата ја објавил во неделата, обраќајќи им се на верниците од балконот на плоштадот „Свети Петар“.
Пред болницата „Џемели“ се собрале голем број луѓе, кои со часови чекале да го поздрават и да му посакаат брзо закрепнување додека поминувал покрај нив.
