Ова е основното училиште „Живко Брајковски“ во Бутел, Скопје. Неколкумина родители се обратија до редакцијата на ТВ21 за да ја изразат својата загриженост поради паралелките пренатрупани со ученици. Нашата екипа го посети училиштето, но не ни беше дозволено да снимаме внатре. Ниту директорката не сакаше да се произнесе по ова прашање. Сретнавме еден родител чија ќерка следи настава во ова училиште.
-32 се, плус има ученици кои имаат потреба од посебно внимание, значи едно вакво дете се брои како три. Значи, 35. Но, и 30 да се, според мене ова е неразумна бројка, исклучително висока. Пресметајте, часот трае 40 минути, а наставничката треба да го запише часот, тука губи 5-10 минути, па така ѝ останува само по една минута време за секое дете, вели еден родител.
Родителите бараат Управата на училиштето заедно со МОН да изнајдат решение и да отворат други паралелки, со цел да се растерети бројот на ученици.
-Вината не е кај наставниците, не е виновно ниту училиштето, не се виновни ниту родителите, туку вината стои во образовниот систем. Потребна е суштинска реформа и треба да се почне од градинките. Бројот на ученици во паралелките треба да се намали што е можно поскоро. Нема елементарни услови за работа со 30 ученици, 15 би било идеално, рече родителот.
Став побаравме и од МОН, но од таму не добивме никаков одговор. Инаку, ова не е единственото училиште со ваков проблем. Пренатрупаност на паралелки има и низ другите училишта во скопските општини, а истото се случува и со детските градинки.
