Парискиот суд денес прогласи десет лица за виновни за дигитално насилство, или онлајн вознемирување, врз првата дама на Франција, Брижит Макрон, изрекувајќи им казни кои се движат од задолжителна обука за сајбер малтретирање до условни затворски казни од осум месеци.
Судот, објавува „Ле Монд“, изјави дека обвинетите објавиле „особено понижувачки, навредливи и злонамерни“ коментари, врз основа на лажни тврдења за наводен трансродов идентитет и наводни врски со педофилија.
Обвинетите, осум мажи и две жени на возраст меѓу 41 и 65 години, се обвинети за објавување бројни злонамерни коментари на интернет во кои лажно тврделе дека Брижит Макрон е родена како маж и ја поврзале разликата во годините меѓу неа и нејзиниот сопруг со педофилијата.
Брижит Макрон не присуствуваше на претходното дводневно судење во октомври.
Нејзината ќерка, Типен Озиер, сведочеше за она што го нарече „влошување“ во животот на нејзината мајка откако сајбер малтретирањето се интензивираше.
„Таа не може да ги игнорира ужасните работи што се кажуваат за неа“, изјави Озиер пред судот, додавајќи дека влијанието се проширило на целото семејство.
Некои од обвинетите тврдеа дека нивните коментари биле хумористични или сатирични и дека не разбираат зошто се гонети.
Случајот следи по години теории на заговор во кои лажно се тврдеше дека Брижит Макрон е родена како Жан-Мишел Троњо, што всушност е името на нејзиниот брат.
Макронови, исто така, поднесоа тужба за клевета во Соединетите Држави против инфлуенсерката Кандис Овенс.
