Наместо драстичните поскапувања кои ги бараа енергетските компании, граѓаните на Скопје од 1 август ќе плаќаат умерено повисоки сметки за парно. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која цената на топлинската енергија за домаќинствата приклучени на најголемиот систем (ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство) се зголемува во просек за 5,96%.
За корисниците на системот „Енерџи Еколинк“ (поранешна топлана Скопје Север), цената се зголемува за 3,6%, додека за домаќинствата кои се снабдуваат преку „ЕСМ Енергетика“, корекцијата изнесува околу 5%.
„По извршените сеопфатни економско-технички анализи за работењето на енергетските компании кои ги снабдуваат потрошувачите во Градот Скопје, РКЕ донесе одлука за корекција на цената од 5,96%, што значи дека просечната сметка ќе се зголеми за 140 денари (од 2.353 денари на 2.493 денари). Јавноста веќе е информирана дека првичните барања на енергетските компании се движеа од 30% до дури 130%. Ова што го одобривме е реален и заштитен минимум.
Она што е клучно за претстојниот период и што силно го поддржуваме е спојувањето на сите ЕСМ компании за топлинска енергија со цел оптимизација на ресурсите и зголемување на ефикасноста, што во иднина ќе обезбеди уште поповолни цени за граѓаните. Анализите покажуваат дека, на годишно ниво, жителите на Скопје кои се греат на централно парно сè уште имаат најнизок годишен трошок во споредба со жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево“, истакна Ацо Ристов, претседател на РКЕ.
Анализите на РКЕ покажуваат и постојан раст на довербата во централното греење — само во последната грејна сезона се евидентирани 1.521 нов приклучок, со што вкупниот број на потрошувачи во главниот град достигна 67.494.
