Во прагот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори, политичките партии, покрај условите за предизборна коалиција, не ги оставаат настрана ниту условите за пост изборна коалиција. Потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, вели дека секако дека имаат свои црвени линии за партнери по изборите. Тоа се договорите со соседите кои се досега постигнати, но и уставните измени.
„ДУИ има црвени линии за идните коалициски партнери, тоа се почитување на Рамковниот договор, Преспанскиот договор со Грција, почитување на Договорот за добрососедство со Бугарија, Уставните измени и секако и ветингот, прочистување на политичките актери, тоа што ние го побаравме со посебен Закон минатиот и мандат и во текот на овој мандат“, вели Арбр Адеми.
Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ вели дека европскиот пат на земјава е предуслов за почеток на коалициските преговори. Тој додава дека сите албански партии се на иста страна за ова прашање. Таравари вели дека овој услов не значи дека треба веднаш да се спроведе, туку да има меѓународна гаранција и одреден рок.
Претходно од ВРЕДИ понудија шестмесечен рок за уставните измени.
За ова, Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека се подготвени да разговараат со албанската опозиција за уставните измени и да изнајдат метода за нивна реализација.
За преговори со ДУИ, вели дека најпрво Интегративците треба да се прочистат од криминалот а потоа да седнат и да разговараат за коалиции.
За овие услови на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ, Адеми вели дека е неморално да се напаѓа нивната партија бидејќи, како што истакна, ДУИ е најреформираната партија во земјава.
„ДУИ е најреформирана партија во земјава и со најнапредни институционални и административни капацитети додека корупцијата кај другите партии е потврдена од судството во земјава. Затоа е неморално да се измислува и напаѓа на ваков начин“, вели Арбр Адеми.
Инаку и СДСМ е на иста линија со албанските партии во однос на условите за коалицирање, како пред така и по условите. Условот е да продолжи европскиот пат на земјава.
