И покрај апелите да се избегнуваат собири, СДСМ синоќа пред преполна сала го одржа Конгресот и промовирањето на кандидатските листи и нивните носители, а поради заканите за корона вирусот од време на време делеше средства за дезинфекција.
Ден по Конгресот од СДСМ соопштија дека во наредните денови ги откажуваат сите настапи и средби заради превентива од ширење на корона вирусот. И ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од претставување на кандидатите за изборите, кое е закажано за утре во Македонска филхармонија и на кој исто така се очекува да дојдат голем број луѓе. Ниту ДУИ, пак размислува да не одржува собир поради опасност од ширење на вирусот и тие утре доцна попладне во просториите на општина Чаир ќе ги промовираат своите кандидати.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на Конгресот доцна синоќа ги соопшти машко-женксите тандем носители на кандидатските листи во сите шест изборни единици. На изборите ќе настапат со програмата Можеме и слоганот „Можеме уште повеќе, можеме уште подобро“. Во првата изборна единица ќе биде Никола Димитров и Мила Царовска, во двојката Оливер Спасовски и Сања Лукаревска, тројката Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска, четворката Зоран Заев и Соња Мираковска, петката Радмила Шекеринска и Јован Митрески и шестката Биљал Касами и Фаница Николовска.
„Ова е понудата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата за изборите. Сите политички субјекти во оваа коалиција ја препознаа важноста државата да продолжи по вистинскиот пат, концептот едно општество да се зацврсти уште повеќе“, порача Зоран Заев.
Вечерва е утврдувањето, а на утрешната конвенција ВМРО-ДПМНЕ ќе ги претстави и своите кандидати. Како што најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски ќе биде таканаречен шпицен кандидат според кој, тој нема да биде кандидат за пратеник.
„Ќе се одржи седница на највисоките органи на партијата по што во јавноста ќе излеземе со сите 120 имиња кои што ќе се најдат на листите на ВМРО-ДПМНЕ, но она што можам во моментов да го споделам е дека дефинитивно нема да бидат стари и компромитирани кадри“, вели Игор Јанушев.
За ДУИ веќе се познати имињата, единствено останува уште да се одлучи кој ќе биде носител на четвртата изборна единица. Тоа ќе го решат на утрешниот Централен совет на партијата.
„Нормално дека претседателот Али Ахмети ќе предводи и ќе победи во 6-тата изборна единица, додека во петтата изборна единица го имаме господинот Талат Џафери. Во втората изборна единица е Арбр Адеми додека во првата изборна единица е Изет Меџити. Додека во третата изборна единица ќе предводи поранешниот министер за економија Беким Незири“, додава ДУИ.
ДПА на Мендух Тачи се уште не објавил имиња за кандидатските листи, а НДП на Весел Мемеди нема да учествува на овие избори.
