Партиите против медицинскиот канабис – со забрана на легалното, во борба против криминалот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По акцијата за разоткривање на нелегално производство на медицински канабис, први реакции за забрана и на легалното и високо контролираното законско производство на ова растение. Владиниот коалициски партнер „Демократски сојуз“ на Павле Трајанов, побара Собранието по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa), според нив, за наводни медицински цели. Ако ова се спроведе, тоа би било удар и на легалниот бизнис кој годишно тежи 30 милиони евра извоз и тоа на високо регулирани и богати пазари како во Германија и Велика Британија. Министерството за здравство, кое е надлежно за издавање на дозвола за производство на медицински канабис, вели дека оваа дејност е строго регулирана и контролирана.

„Според нашите протоколи секои три месеци редовно мора да ги известуваат нашите канцеларии, нашата институција од страна на приватниот сектор којшто произведува таков тип на производство. Од наша страна исто така со Инспекторатот имаме годишен план, но имаме и ад хок посети ако е тоа потребно“, вели Азир Алиу, министер за здравство.

Инаку, повеќе институции се надлежни за давање дозвола за одгледување и производство на медицински канабис. Првата фаза е да се добие дозвола за сеење и одгледување на медицински канабис. Но, ова не значи ништо ако не се исполни барем еден од следните два чекора. Првиот е да се добие барем сертификат за добра земјоделска практика, GACP (Џи – Еј – Си – Пи) кој овозможува канабисот да биде третиран како суровина за екстракција и добивање на масло или за производство на сушен цвет. Со овој сертификат, потоа може да се побара и сертификатот GMP (Џи – Ем – Пи) кој значи дека суровината може да се преработува во масло или во сув цвет.

Сите овие чекори би требало да бидат строго контролирани и безмалку се знае која фирма колку канабис има засеано, колку од нив успешно израснале во стебла, колку дале род и колку производот калирал. Контролите одат до таму, што секое стебло се уништува во придружба на полицијата. Исто така и извозот е високо контролиран и не може да се извезе ни грам производ ако не се знае крајниот корисник и за тоа нема извозни и увозни декларации со најситни детали за количините и квалитетот.

Дополнително, секоја компанија на почетокот на годината мора да пријави колку планира производство и тоа до стебло и до грам производ и тоа да биде пријавено до домашните институции, но и до Канцеларијата во Виена за следење на опојни супстанции.

Министерот Алиу вели дека за сè останато, што не е во нивна надлежност, одговорноста е кај други институции.

„Дали излегуваат надвор и како тоа се пренесува од една во друга институција според протоколите мора да не информираат, но ако е надвор од тие протоколи ние не сме надлежни како институција тоа е надлежно Министерството за внатрешни работи“, вели Азир Алиу, министер за здравство.

Инаку, употребата на медицински канабис во здравствени цели, не во рекреативни, во моментов годишно тежи околу 30 милијарди, со проценки дека до 2032 година може да порасне до 140 милијарди долари. Најголеми пазари се САД, но и Германија и Велика Британија, со милионски пациенти, а се проценува дека иден пазар во развој е Украина.