Активисти на Алијанса за Албанците (АА) синоќа се собраа пред куќата на претседателот на партијата, Арбен Таравари за да му дадат поддршка по заканите со оставен куршум од калашников пред неговата врата. Таравари пред активистите рече дека кога ја гледа оваа поддршка, уште повеќе е убеден дека треба да продолжи по овој пат. Што се однесува до куршумот оставен пред неговата врата, вели дека што и да изнесат пред него, нема да го пречат.
„Денеска имаше обид да ме заплашат пред куќата, затоа сте тука да ме поддржите. Да знаете дека нема сила која ќе ме спречи. Не куршум, што и да изнесат пред ене, нема да ме спречат“, вели Арбен Таравари.
Таравари побара од членовите да останата смирени, да не се случи да се прелијат внатрепартиските недоразбирања и АА да остане таму каде што е.
Да се остане со ладна глава повика и аналитичарот Бесим Хода. Во Клик Плус Хода рече дека Таравари треба да внимава бидејќи оваа фрустрација не е само негова туку и на народот, затоа може да заврши несреќно.
„Многу е болно ова што го гледаме сега што после сите перипетии, по војна, по голем број паднати борци, по идеал по 24 години, по сето тоа да им се враќаме на куршумите. Многу е болно за семејството на господинот Таравари и другите семејства. Тоа е порака за сите Албанци, но пред се за политичарите каде не одведоа нивните валкани игри овие 24 години“, вели Бесим Хода.
Беким Ќоку, како претставник на Движењето Самоопределување во Македонија, вели дека оваа состојба во АА е деликатна и бара разумност. Овие гестови со куршуми, вели, не ѝ доликуваат на партија како Алијансата за Албанците.
„Тоа е многу деликатна ситуација, критична ситуација, бара разумност, бара мудрост. Ова е многу важно да се нагласи. Бидејќи го видовме видеото овде, не е лошо да разговараме и за ова за да упатиме апел и да повикаме на смиреност за решавање на овие проблеми во Алијансата на демократски начин. Не доликува на политичка партија во овие времиња да прави вакви гестови со куршуми пред врата“, додава Беким Ќоку.
Инаку, претседателот на Собранието на АА, Зијадин Села, за во сабота закажа седница на Собранието, додека на дневен ред е извештајот на претседателот на партијата за политичките случувања во пресрет на изборите, како и разгледувањето на одлуката на централното раководство за учество на партијата на парламентарните избори. Според досегашните соопштенија на партиските функционери, АА има одлука да излезе сама на избори.
