Партиските лидери се договорија – претседателски избори во Романија на 4 мај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерите на трите партии од владејачката коалиција во Романија, со согласност на малцинските партии, денеска се договорија нови претседателски избори во таа земја да се одржат на 4 мај, а можен втор круг од изборите на 18 мај, пишува Порталот Политико.

Договорот за датумот на изборите го постигнаа лидерите на социјалдемократите, Национал-либералите и Партијата на Унгарците, односно претставниците на малцинските партии застапени во парламентот.

Владата официјално ќе ги објави датумите следната недела, бидејќи изборниот закон предвидува дека тоа мора да се направи најмалку 75 дена пред првиот изборен ден.

Лидерите на владејачката коалиција на средбата во Букурешт ја повториле поддршката за поранешниот лидер на Национал-либералната партија Крин Антонеску како заеднички кандидат, додава бриселскиот портал.

Објавувањето на датумот за новите претседателски избори дојде еден месец откако Уставниот суд на Романија го откажа вториот круг од претседателските избори меѓу независниот ултранационалистички кандидат Калин Георѓески и Елена Ласкони, реформска кандидатка од централно-десничарската партија.

Уставниот суд донесе одлука без преседан поради сомневањата дека Георѓески помина во вториот круг благодарение на кампањата на Русија во првиот круг од изборите на 24 ноември.

Отворените безбедносни документи покажаа дека платените инфлуенсери, со членови на екстремистички, десничарски групи и луѓе поврзани со организираниот криминал, ја промовирале кандидатурата на Ѓорѓески на интернет, особено на мрежата ТикТок.