Од идејата за заеднички претседателски кандидат и заеднички листи како заеднички европски фронт, СДСМ и ДУИ од два партнери во владејачката коалиција се поделија на два европски фронта. Според извори на ТВ21, СДСМ е премногу разочарана од однесувањето на ДУИ последниов месец. Изворите велат дека ДУИ и СДСМ имале устен договор за заедничко учество на парламентарните избори, како и за консензуален кандидат за Претседател, но на крајот интегративците за кандидат го предложија Бујар Османи.
Прашавме во СДСМ – дали му дојде крај на партнерството меѓу нив и ДУИ и дали ќе излезат со заеднички листи. Оттаму кусо ни одговорија дека штом ќе имаат конечна одлука ќе ја известат јавноста.
Од друга страна, пак, во ДУИ, како што пред неколку дена најави потпретседателот на партијата, Арбр Адеми, не се разговарало за можна коалиција што ги надминува етничките граници. Тие претпочитаат коалиција меѓу албанските политички партии, во овој случај Народното движење, Европската демократска партија и АА на Зијадин Села.
-Во нашиот политички субјект, во нашата политичка организација не се разговарало за таква коалиција што ги надминува етничките граници. Точно е дека нашиот претседател, г-дин Ахмети има постојана комуникација со сите албански политички партии. Поканата е отворена, против руското влијание, канцерогеното влијание, рускиот малигнитет, можеме да се бориме само со мобилизирање и организирање во заеднички Европски фронт-рече Адеми.
Како пример дека има несогласувања меѓу СДСМ и ДУИ, може да се спомне и вчерашната владина седница на која неколку министри на ДУИ ја напуштија салата со цел да нема кворум за важните точки за СДСМ. Исто така, вчера на собраниска седница точката за Законот за игрите на среќа се префрли на крајот од дневниот ред, бидејќи, како што се вели, сега СДСМ ја условува ДУИ за овој закон.
Инаку, одлуката на ДУИ да излезе со свој кандидат за Претседател уследи откако албанската опозиција ја објави кандидатурата на Арбен Таравари. Лидерот на интегративците, Али Ахмети рече дека прашањето за шеф на државата е политизирано. ДУИ бара Претседателот во иднина да се бира во Собрание, а не на избори.
