Патник од урнатиот авион: Дефинитивно имаше експлозија, имам снимано се

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И натаму трае истрагата за азербејџанскиот авион кој се урна вчера во Казахстан, откако имал неуспешен обид да слета, најпрво во Грозни, а потоа и во Махачкала.

На снимките на социјалните мрежи се гледа како авионот се крева, па се спушта пред да се урне во близина на Актау во Казахастан.

„Се обиде да слета, а потоа се крена. Кога се разбудив сфатив дека не успеа да слета. Под облаците имаше густа магла. Имаше два обиди да слета, а потоа нешто експлодираше. Дефинитивно се работеше за експлозија“, рече Субханкул Рахимов, преживеан во несреќата во авионот.

Во авионската несреќа загинаа 38 лица, а 29 од нив ја преживеаја несреќата, меѓу кои и деца.

Тој рече дека има снимано се и дека снимките ќе ги достави до надлежните.

„Експертите ќе дадат проценки, но имаше сигурно експлозија и сите ја слушнаа. Сакав да ставам елек за спасување, и потоа видов дупка на него предизвикана од шрапнели. Успеав да фотографирам се. Експертите мора да го истражат ова“, рече Рахимов.

Девојката на Заур Мамедов, кој ја преживеал несреќата, раскажа дека нејзиниот дечко во текот на летот и испраќал СМС пораки во кои пишал дека авионот паѓа, а потоа напишал дека преживеал и дека е пренесен во болница.

Руските медиуми тврдат дека авионот не можел да слета во рускиот град Грозни поради напад на украински дрон. Пилотот го пренасочил летот кон градот Махачкала, административниот центар на соседниот регион Дагестан, но, според руските медиуми, маглата го спречила да слета таму, по што побарал дозвола за слетување во Актау.