Патот Ропалце-Матејче во незавидна состојба, Арифи: Следната недела се очекува да почнат градежните активности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со дупки и тесен. Во ваква состојба е патот кој ги поврзува селата Матејче, Ропалце и Никуштак. Локалните мештани со децении чекаат патот да биде асфалтиран.

Од општина Липково велат дека обезбедиле средства за овој регионален пат и дека завршиле сите административни процедури.

„Согласно координацијата што ја имаме со Агенцијата за државни патишта, од следната недела се очекува да започнат градежните работи на терен и лека-полека овој пат во рок од 9 месеци треба да биде завршен, секако според препораките на Агенцијата“, рече градоначалникот на О. Липково Еркан Арифи.

Веста за асфалтирање на патот најмногу ги израдува мештаните.

-Да, Матејче, Никуштак патот е во катастрофална состојба. Автомобилите ги испокршивме.

-Навистина, автомобилите ги расипавме во Ропалце и Матејче, и самите гледате… Дали знаете колкупати го премеруваа. На секои две-три недели доаѓаат и го мерат, но никако да го асфалтираат. Но, многу сме среќни што конечно ќе се санира.

-Дај Боже следниот пат кога ќе дојдеме, да дојдеме за асфалтирањето. Дај Боже, вие многу ни помогнавте. Сакаме патот да биде асфалтиран, коментираа мештаните.

И додека жителите остануваат со надеж дека следниот пат кога ќе ги посетиме, патот ќе биде завршен, градоначалникот се осврна околу тоа колку е важен овој патен правец..

„Оваа делница е многу важна за о.Липково бидејќи нѐ поврзува со главниот град, Скопје, а исто така го поврзува и Скопје со Граничниот премин „Белановце-Станчиќ“, како и со двете брани кои ги имаме за рекреација“, додаде Арифи.

Со новиот проект, патот надвор од населените места ќе биде широк околу 6 метри, ќе бидат опфатени и нови мостови кои ќе бидат изградени, атмосферски канализации, а ќе бидат отстранети и сите столбови и подземна инфраструктура.