Ходникот во поликлиниката Чаир е преполн со пациенти. Деца и возрасни чекаат ред за преглед. На праг на почетокот на зимата зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош на лекар. Тие се симптоми како кашлица, температура, малаксаност и болки во телото, објаснува за ТВ21 доктор Седат Љумани. А овие симптоми се заеднички за грип и за Ковид 19, вели тој додавајќи дека пациентите повеќе може да се настинати поради падот на температурите бидејќи, како што вели, сезонскиот грип се уште не почнал.
„Во споредба со минатата година имаме видна зголемен наплив на пациенти со овие симптоми, но оваа година може да се поврзе со климатските промени бидејќи времето залади порано. Можеби не е пред време, но во споредба со други години , кога имаше нетипични зимски температури, оваа година зимата тропа на врата, имаме ниски температури, со дождови и сето тоа се одразува на здравствената состојба на пациентите“, посочи Седат Љумани.
Исто така тој ги потсетува граѓаните дека Ковид 19 се уште е присутен. Доколку имаат некој од горенаведените симптоми граѓаните треба да се тестираат, но не со брзи тестови бидејќи, како што вели, тие не се прецизни.
„Може да биде и сезонски вирус кој е малку порано, а можеби и почнал. Главно симптомите се исти, речиси исти, но имаме и заедничка клиничка слика кај сите- црвенило, отечено грло, крајници, кај некои е проследено со болки во ушите, главата…Во тие случаи може да станува збор и за бактериска инфекција“, додава Седат Љумани.
Според последниот извештај на ИЈЗ, до сега од сезонски грип се заразиле 509 граѓани, два до три пати повеќе во споредба со истиот период минатата година. Најпогодени се пациентите на возраст од 15 до 64 години, а најмногу случаи има во Дебар. Граѓаните не треба да ја избегнуваат вакцинацијата против сезонскиот грип иако се вакцинирани против ковид 19 велат лекарите. Тие порачуваат да се држи растојание и да се избегнуваат собири, граѓаните да се грижат за личната хигиена како и колективната, и престој на отворено, препорачуваат лекарите.
