Пациентите примаат инфузија во ходник, зголемен број на ковид случаи во Куманово-инфективно во дефицит со простории

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Инфективното одделение во Куманово. Пациентите се третираат во ходник, поради недостиг на простории. Низ ходниците се поставени кревети каде заразените пациенти примаат инфузија, а тука се и оние кои ги чекаат резултатите од тестот. Лекарот Алириза Османи вели дека станува збор за пациенти кои примаат дневна терапија или пациенти кои доаѓаат на преглед, а кои не се тестирани.


-Станува збор за пациенти кои добиваат дневна терапија или евентуално доаѓаат да се прегледаат и има потреба од давање терапија поради замор или малаксаност на пациентот. Има многу кои не се тестирани, вели Алириза Османи, лекар.

Има околу 50-тина пациенти кои се третираат. 18 се на инфективно, 33 во модуларниот центар, а над 60 пациенти доаѓаат по дневна терапија. Освен простории, Инфективното одделение во Куманово има дефицит и на медицински персонал.
-Дел од персоналот е заразен, некои се изморени, некои од други причини. Бројот на лекарите, на медицинскиот персонал воопшто и на медицинските сестри е недоволен, имајќи го предвид напливот на пациенти, рече Османи.

Лекарот Османи вели дека вакцинацијата е единствениот начин да се ублажи пандемијата. Ваљдрин Мифтари од Здравствен дом-Куманово вели дека досега се аплицирани 104 илјади дози, од кои 48 илјади како прва доза, 46 илјади како втора и над 6.500 како трета доза. Најмладиот граѓанин кој ја примил третата доза има само 13 години.


-Интересот за првата доза е на незавидно ниво, слаб е. Најголем интерес има за третата доза, бидејќи многу држави на граничните премини бараат потврда за примена трета доза, вели Мифтари.

Поради ограничениот број на медицински персонал, во текот на јануари пунктот за вакцинација работеше само во една смена од понеделник до петок, а наскоро се очекува да почне со работа и во сабота.