Министерот за здравство, Арбен Таравари, соопшти дека пациентите повредени во пожарот во Кочани се во генерално стабилна состојба, додека 20 пациенти се во критична состојба и може да се појавуваат компликации. Тој додаде дека во наредните денови се очекува да се јават нови пациенти на лекување, бидејќи како што некои истакнаа, тие воопшто не побарале лекарска помош.
Вкупниот број на пациенти досега е 135. Министерот Таравари соопшти дека 84 пациенти се лекуваат на клиниките во Скопје, додека 51 пациенти се лекуваат во странство.
-На скопските клиники досега има 84 пациенти. Ја променивме стратегијата. Вчера овде ги донесовме сите пациенти од Кочани и Штип бидејќи 51 пациенти се веќе во странство. Сакав уште еднаш да истакнам дека се 9 пациенти во Турција, 14 во Бугарија, 5 во Грција, 17 во Србија, 2 во Унгарија и 4 во Романија. Денеска се надевам дека ќе има прилив на пациенти, во Словенија 4, во Хрватска 4, во Австрија 6 и во Белград 12 пациенти, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски истакна дека македонскиот здравствен систем успешно ја заврши првата фаза за згрижување на повредените.
Министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека во Северна Македонија веќе пристигнале 15 лекари од различни земји од светот.
