Пациентите во страв дали ќе има лекови – Таравари: Расте бројот на болни а со тоа расте и потребата за лекови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека проблемот со немање биолошка терапија за болните од карцином ќе се надмине во текот на идната недела и пациентите ќе ја примат на време. Според него, еден од проблемите е постојаниот пораст на бројот на онколошки болни.

„Се работи за зголемена побарувачка за биолошка терапија, не дека имаме помалку биолошка терапија периодов имаме дури и повеќе отколку минатите години, меѓутоа побарувачката е многу поголема. Тоа што расте бројот на карциноми, малигни заболувања, тоа веќе не е вина на Министерството или на Владата. Јас се надевам дека идната недела ќе има повторно биолошка терапија“, порача Арбен Таравари.

И додека пациентите се во страв дали ќе ги добијат потребните лекови кои им се потребни во борбата со оваа тешка болест, партиите продолжуваат меѓусебно да си ја префрлаат топката кој е виновен за ваквата состојба. Од СДСМ велат дека за хаосот на Онкологија целосно одговорност е кај власта.

„И наместо решенија за пациентите, за граѓаните ја слушаме власта со изговори. Комплицирани биле административни процедури, немало време регистар за лекови, зголемен бил бројот на пациентите, до последно каде директорот на Фондот за здравствено осигурување на кого му требало време за нешто да сработи.Дополително, Клековски се правда дека една од причините за недостигот на билошките лекови е укинувањето на дозволата на директорите да ги набавуваат овие лекови на реверс“, вели Белкиса Зеќири.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак топката ја префрлаат кон веледрогеријата Пановски, која како што велат, е блиска до СДСМ. Од партијата прашуваат дали веледрогеријата вештачки создава криза на сметка на животите на граѓаните.

„Дали и оваа последна криза на истата мафија на смртта, каде двојството Венко Филипче и веледрогеријата Пановски е дел од истиот фолклор, каде се печали од болеста на болните од рак? Дали е вистина дека вештачки создадената криза е токму поради тоа што треба да се купат скапи лекови токму од Пановски, за кој постои сомнеж дека се манипулира со цените на лекови? Се работи за трговци со животи и души на луѓе“, вели Миле Лефков.

Првиот човек на Фондот за здравство Сашо Клековски вчера рече дека проблемот со недостигот на два лека ќе се надмине уште неделава, а другите лекови ќе одат по соодветна постапка. Проблемот не е финансиски, но бидејќи е забрането да се подигаат лекови на реверс се случи да нема лекови рече Клековски.