Владата утре ќе одлучува за разрешувањето на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски кој не го почитува законот за трансфер на вработените според програмата К-5.
Но пред владината седница, премиерот Заев во 9 часот ќе се сретне со инспекторите од пазарниот инспекторат кои преку петиција се спротивставија на разрешувањето на нивниот шеф. Не е јасно дали по оваа средба Заев ќе остане на ставот за разрешување на Пауновски.
Кога ќе се донесе одлуката, Заев вели дека ќе каже во согласност со кој закон и правила било одлучено. Денеска цитираше неколку члена од законот за трансфер на административците меѓу кои и член 5,кого не го почитува Пауновски.

Раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање од членот 4 од овој закон.
Истиот закон, во член 7 исто така предвидува казна од 2000 евра за одговорното лице во институцијата доколку не ги усогласи актите за внатрешна организација и за систематизација на работните места согласно член 5 од овој закон. На прашањето дали и за Пауновски ќе следува таква казна, премиерот накратко одговори дека Владата ќе постапи според законот и етичкиот код. Тој во одговорите на оваа тема исто така кажа дека Пауновски бил информиран за неговите постапки, писмено и усно, но не побарал средби за да се разјасни тоа.
