Печалбарите надеж за бизнисите! – Бизнисмените во Кичево задоволни, забележуваат придвижување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минатата година за бизнисмените во Кичево беше окарактеризирана како „катастрофална година“. Бројни мали бизниси ставија клуч на врата, бидејќи не успеаја да опстанат. Но, годинава доаѓањето на печалбарите носи нова надеж за нив. Велат дека за разлика од минатата година, кога едвај успеале да останат на нозе, годинава се забележува поголемо движење. Сепак, постои страв од новиот сој на вирусот кој се шири.

Позитивно придвижување и во туристичките агенции, особено кога станува збор за летните одмори.

„Во моментов состојбата изгледа подобра од минатата година, имајќи го предвид полицискиот час, карантинот и ограничувањето на патувањата. Се надеваме дека годинава со олеснувањето на мерките за патувања, да имаме поголемо движење од минатата“, истакна Љуљзим Лимани.

Како што вели Лимани, најбараната дестинација е Албанија, бидејќи за влез во оваа држава не е потребен ковид-тест или потврда за вакцинација.

„Од моја гледна точка како прва дестинација би ја издвоил Албанија, каде не се бара ниту ПЦР тест, значи може слободно да се влезе, но сепак патниците треба да внимаваат. Но, Грција бара да ги имате примено двете дози или да приложите ПЦР тест за да влезете во државата. Истото важи и за во Турција“, вели Љуљзим Лимани..

Владата минатата година одлучи да им помогне на бизнисите со субвенционирање на платите од 14.500 денари. Годинава, како што се чини единствената надеж за малите бизниси во Кичево се печалбарите кои во текот на летото доаѓаат во нивното родно место.