Печатите во пасошите заминуваат во историја – од денеска целосна имплементација на новиот систем на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На аеродроми, пристаништа и копнени гранични премини низ Европа, нови скенери и автоматизирани киосци ќе го трансформираат начинот на кој патниците влегуваат и излегуваат од ЕУ, како дел од системот за влез/излез, односно ЕЕС.

Системот е дизајниран да го регистрира влезот и излезот на државјани кои не се од ЕУ и патуваат во Шенген зоната за кратки престои до 90 дена во рамки на било кој период од 180 дена.

Тој започна со фазна имплементација во октомври 2025 година и треба да стане целосно оперативен во сите земји членки од денеска.

-Она што можам да го кажам за имплементацијата е дека кога системот функционира добро, во просек, во моментов се потребни само околу 70 секунди за да се регистрира влез или излез. Сите земји-членки, секако, ја имаа декларирано својата подготвеност да го имплементираат системот за влез и излез пред неговото постепено воведување. Ова всушност беше правен предуслов за да се пушти системот во употреба, изјави Аријана Подеста – портпаролка на ЕУ.

ЕЕС ќе се применува за патници од земји надвор од Европската унија, вклучително и оние на кои им е потребна виза и оние кои се ослободени од виза, при влез во која било од 29-те шенгенски земји, со исклучок на Ирска и Кипар, кои не се дел од системот.

Наместо да добијат физички печат во пасошот, движењата на патниците сега ќе се евидентираат дигитално.

-Патниците се малку вознемирени. Знаеме дека поради кризата на Блискиот Исток и загриженоста околу растечките цени на горивото, поскапувањето на билетите и можноста авиокомпаниите да ги откажуваат летовите, луѓето се загрижени. Тоа значи дека чекањето на аеродром ќе биде уште пофрустрирачко. Едноставно, планирајте однапред. Планирајте да пристигнете малку порано. Очекувајте дека ќе треба да дадете отпечатоци од прсти и да направите скенирања. Времето што сега се троши ќе се покаже како добра работа, бидејќи на долг рок ова ќе го забрза и ќе го направи побезбедно нашето патување, изјави Анита Мендирата, специјален советник на генералниот секретар на ОН за туризам.

Како што велат од Европската Унија, земјите членки ќе имаат можност, за време на летната сезона, ако се создаваат големи гужви на граничните премини, привремено да го суспендираат имплементирањето на овој систем, но тоа ќе може да го сторат само до септември месец. Во досегашниот тек на примена на новиот систем, биле регистрирани 45 милиони влегувања и излегувања. Од нив, на 25 илјади патници им бил одбиен влезот во некоја од земјите од ЕУ, додека 600 патници биле означени како опасни за безбедноста.