Пендаровски: Будно ја следиме состојбата – кај грчко-турската граница во посета европскиот врв

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема зголемување на бројот на мигранти на јужната граница, но нашава земја се подготвува за било каква состојба. Ова го изјави шефот на државата и врховен командант Стево Пендаровски по посетата во Гевгелија на припадниците на полициските и армиските сили кои ја обезбедуваат нашата јужна граница, како и на Транзитниот центар каде што се врши регистрација на мигранти.

„До овој момент нема никакво зголемување на бројката на илегални мигранти освен она што е вообичаено за овој период од годината но и во други години. Значи нема никаква ниту назнака дека може да биде во наредниве денови некаков прилив на бран на мигранти да оди кон нашата територија и јасно е дека најголемиот притисок е на грчко-турската граница. Сите надлежни органи се тука и се будни, анализираат и разменуваат информации, така што практично не можам да видам ситуација во која што ќе бидеме изненадени“, истакна Стево Пендаровски.

За зголемувањето на безбедноста на јужната граница говореше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која истакна дека веќе се подготвуваат за сите можни сценарија и дека веќе од вчера бројот на полициските и армиските сили се зголемени.

„Вие знаете дека на нашата граница се присутни околу 130 странски полицајци, полицајци на земји членки на Европската унија и ние вчера на Управувачкиот комитет одлучивме да побараме од сите земји да го продолжат тој ангажман.. Согласно ситуацијата на терен и нашата комуникација со колегите во регионот па и со Фронтекс ќе ги носиме одлуките, меѓутоа од вчера бројките се подигнати“, додава Радмила Шекеринска.

Во меѓувреме нема промени на турско-грчката граница, напнатоста и натаму расте. Веќе е регистирана и првата жртва откако вчера дете од Сирија се удави кога чамецот во кој се превезуваа 47 мигранти се преврте.  Грците се повеќе го губат трпението и употребуваат брутални мерки за да ги одвратат мигрантите кои на секој начин се обидуваат да влезат во Грција.

Во текот на денов во посета на грчко турската граница е и претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен, потоа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, на европскиот парламент Давид Сасоли, како и хрватскиот премиер Андрен Пленковиќ од име на земјата претседавач со Европската унија.