Доколку Претседателот Стево Пендаровски го додели мандатот за формирање на Влада, без притоа да биде избран новиот собраниски спикер, тогаш неговиот чекор би бил противуставен, вели претседавачот на конститутивната седница, Талат Џафери.
„Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците“, истакна Талат Џафери.
Ова е предвидено во Деловникот, објаснува Џафери, додавајќи дека секој процес кој може да започне, може да го стави под знак прашалник целиот изборен процес кој штотуку заврши. Исто така најавува дека ако мандатот за формирање на Владата се довери без да претседател на Собрание, тогаш се ризикува институциите да влезат во уставно-институционална криза, бидејќи Претседателот нема кого да информира.
„Да претпоставиме дека на 14 (август) политичките партии ќе излезат со изјава дека имаат мнозинство и дека тој ден Пендаровски ќе го додели мандатот….“, додава Талат Џафери.
ТВ21: И се вели – да го извести претседателот на Собранието…
Т.Џ: Кого ќе извести Претседателот дека го доделил мандатот, согласно Членот 110 од Деловникот на Собранието? Претседателот на Собранието кој не постои?!
Сите овие дилеми беа покренати од прашањето – кога може да се каже дека Парламентот е конституиран, со верификување на пратеничките мандати или со избор на претседателот на Собранието? Мандатот за новата Влада не може да се додели, бидејќи сѐ уште нема формирано парламентарно мнозинство, кое би го избрал наследникот на Џафери. Џафери вели дека како претседавач на Собранието, според Деловникот, ќе продолжи да претседава со конститутивната седница сѐ додека не биде избран новиот собраниски спикер. Настанатата состојба ја гледа како последица на политички толкувања, а не со правна основа. Додава дека Уставниот суд има простор за превентивна работа и рок да се произнесе околу овие дилеми.
