Шефот на државата Стево Пендаровски и официјално му го врачи мандатот на Димитар Ковачевски, кој пред неколку дена беше поддржан од Централниот одбор на СДСМ за да ја состави новата влада.
„Врз основа на член 84 став 1 алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлогот за мандатар доставено од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија а поддржана од политичките партии во состав на коалицијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието на Република Северна Македонија за мандатар за состав на Владата го определувам господинот Димитар Ковачевски претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, посочи Стево Пендаровски.
За мене претставува голема чест доделениот мандат од претседателот Пендаровски да ја формиран новата Влада, изјави во своето кусо обраќање по приемот на мандатот Димитар Ковачевски. Тој истакна дека новиот тим ги чека напорна работа и период на големи предизвици, а најави силен фокус на економски развој на земјата.
„Од денес започнувам со формирањето на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат веќе од почетокот на следната година. Живееме во турбулентни времиња, во времиња на кризи и неизвесности. Соочени сме со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварување на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа на граѓаните“, посочи Димитар Ковачевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека продолжува заевизмот а Ковачевски го добива мандатот и покрај тоа што не учествувал на избори и не ја добил довербата на граѓаните. Му порача да излезе на избори за да добие кредибилитет и легитимитет од граѓаните а не од Заев.
„Очекувам да продолжи заевизмот бидејќи освен оној поклон кој што го видовме, освен обраќањето кон неговиот претходник со претседателе, ловориките и глорификацијата друго ништо не слушнавме. Видовме некои луѓе кои што биле во долните ешалони на СДСМ кои што сега се во Извршниот одбор на СДСМ кој што му даваат поддршка на Ковачевски. Така што ако ме прашате дали очекувам некаков поголем пресврт, мојот одговор е не очекувам, напротив очекувам слободен пад и продолжување на заевизмот“, вели Христијан Мицкоски.
По доделувањето на мандатот на Ковачевски, тој има рок од 20 дена да поднесе програма за работа и состав на новата Влада до Собранието. Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека очекува да го добие предлогот до 10 или 11 јануари а новата влада да биде изгласана до 16 јануари на полноќ.
