Пендаровски подготвен за втор мандат – албанската опозиција со свој кандидат, кој уште ќе влезе во трката?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски е подготвен за втор мандат доколку, како што вели, граѓаните и партиите од власта сметаат дека бил успешен во првиот мандат. Во емисијата Клик плус, Пендаровски рече дека прво ќе ги праша граѓаните како ја оценуваат неговата работа, а потоа ќе одлучи дали ќе оди на уште еден мандат.

Се шпекулира дека СДСМ разгледува и други имиња за потенцијални кандидати, како Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска и Миле Зечевиќ, но Пендаровски вели дека процесот за идентификација на потенцијалниот кандидат се уште не започнал.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред неколку недели во Клик Плус рече дека нивната партија анализира околу 22 потенцијални кандидати.

Што се однесува до албанската опозиција, тие ќе излезат со заеднички кандидат Албанец но се уште не одлучиле дали тој ќе биде од внатрешните структури или независен интелектуалец.

„Ние како албанска опозиција ќе излеземе со заеднички листи, албанските партии, и исто така имаме одлука да излеземе со кандидат за претседател Албанец, а кој ќе биде, ќе видиме. Правиме анализи дали ќе биде од внатрешните структури или ќе биде некој експерт од областа, односно, независен интелектуалец“, вели Изет Меџити.

Кандидатура за претседател не исклучи ниту градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Кандидатура за претседател вчера најави и инфектологот Вело Марковски.

Инаку, македонската опозиција бара следните парламентарни избори да се одржат заедно со претседателските а во рамки на законот, истите можат заедно да се одржат само од 5 до 8 мај. Пред тие датуми, парламентарните избори би се сметале за предвремени.