Својата колешка од Република Косово, претседателката Вјоса Османи, претседателот Пендаровски ја пречека со високи државни почести.
А поради дождливото време, се погрижи да и го подржи и чадорот.
По средбата на делегациите, двајцата претседатели се обратија пред медиумите. Рекоа дека размениле мислења и информации за актуелни теми од билатералните односи, состојбата во двете држави, за актуелната и идна економска соработка, европската интеграција на двете држави и други регионални прашања.
Претседателот Пендаровски говореше и за либерализацијата на визите за Косово.
Уште еднаш го поздрави договорот постигнат меѓу Косово и Србија.
Претседателката Вјоса Османи му се заблагодари на претседателот Пендаровски и институциите од Северна Македонија за поддршката дадена на Косово и се надева дека вака ќе продолжи и понатаму.
„Тесната соработка со Северна Македонија и нашиот заеднички ангажман кон евроатлантските институции е од суштествено значење за повеќе мир, стабилност, хармонија и просперитет за нашите граѓани како и за целиот регион“, порача Вјоса Османи.
Османи рече дека се чувствува почестена што е во посета на Македонија, и како што истакна нејзините сонародници ја нарекуваат нивна земја.
„Албанците биле и ќе бидат важна движечка сила кон позитивни промени и во постигнувањето на авроатлантските аспирации на РСМ. Важно е да продолжи поддршката и засилувањето на Албанците во Северна Македонија на сите општествени полиња, како рамноправни граѓани кои имаат свој придонес во напредокот на РСМ“, додаде Вјоса Османи.
На крајот го спомна и автопатот за кој што многу се зборуваше а се уште не е завршен, Скопје-Блаце.
„Се надевам што поскоро да ја видиме финализацијата на автопатот од 12 км кој ги поврзува Скопје со граничниот премин на Република Косово, овој пат кој ќе не зближи уште повеќе и ќе создаде поголеми можности за поголеми разнолики размени вклучително и во економијата“, вели Вјоса Османи.
Османи истакна дека Косово и Македонија уште од склучувањето на дипломатскиот договор потпишале и 40 билатерални договори, многу меѓуминистерски меморандуми а најави и многу други.
