„Пенко“, првите одделенија со по 30 ученици – наставниците бараат повторно отворање на затворената паралелка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прв ден на училиште! Првачињата во основното училиште „Пенко“ од родителите беа пречекани со букети цвеќе, а од наставниците со нови ранци. Но, сепак, не беа среќни поради тоа што една паралелка на албански наставен јазик беше затворена.

Ова доведе до тоа овие четири паралелки од прво одделение да бидат преполни, со по 30 ученици во ООУ „Петар Здравковски-Пенко“ во Бутел. Родителите се револтирани бидејќи голем дел од учениците кои немаат регулирано адреса на живеење во оваа општина најмалку една година претходно, остануваат незапишани.

„На првиот ден од учебната година, директорката отсуствува. Од субјективни причини земала боледување, додека советот на дел од наставниците реагираше во врска со преоптовареноста на четирите паралелки од прво одделение, бидејќи петтата паралелка е затворена со одлука на директорството и општината.“

Наставничката Хатиџе Топали изјави дека наставниците едногласно бараат повторно отворање на петтата албанска паралелка во „Пенко“, изразувајќи разочарување од властите кои, според неа, се обидуваат проблемот да го прикажат како решен.

„Во ова училиште, за жал, се создава ситуација која сериозно го отвора прашањето за двојните стандарди. За паралелките со настава на македонски јазик се дозволува наставата да се одвива и со по 4-5 ученици, но кога станува збор за учениците кои следат настава на албански јазик, се бара многу поригорозно почитување на критериумите и како последица на тоа ни се затвора една паралелка.“, порача Хатиџе Топали.

Градоначалникот на Општина Бутел рече дека, со препорака од министерката Весна Јаневска, овозможил оваа недела во прво одделение во „Пенко“ да се запишат и ученици од Чаир, но под услов да имаат брат или сестра во тоа училиште, од второ до деветто одделение. Костовски рече дека на само неколку стотини метри од „Пенко“, учениците од Чаир го имаат и основното училиште „Имри Елези“, каде што можат да се запишат во прво одделение.

„Еве нешто ново, во договор со министерката, направивме нешто што многу често се случува како практика низ Македонија, а и во Градот Скопје можам да ви кажам и со примери. Оние деца од Чаир кои имаат браќа и сестри во ООУ „Петар Здравковски-Пенко“ се примени со добра волја, едноставно да нема политички обојувања и да се разбере дека нашата цел е квалитетна настава и ништо друго.“, вели Дарко Костовски.

Основното училиште „Пенко“ брои над 1.700 ученици, од кои 90 проценти се Албанци. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на албански ученици во целата Општина Бутел е мнозинство со над 56 проценти, односно од вкупно 5.276 ученици, 2.971 се ученици Албанци.